Дали сте ,,магнет” за комарци?
Можеби (и ова) е наследнo…
Најновите студии укажуваат дека Вашата ДНК е главен фактор кој одредува дали сте им вкусни на комарците.
Приближно 20% од луѓето им се неодоливо привлечни на комарците. Причините се повеќекратни: крвна група, метаболизам, физичка активност, па дури и боја на облеката. Anopheles gambiae, комарецот кој пренесува маларија во Африка, го привлекуваат на пример бремени жени.
Едно нешто е јасно: телесниот мирис, односно т.н. феромони имаат многу значајна улога. Сетилото за мирис на комарците е примарниот начин на кој избираат од кои луѓе ќе се хранат, а гените се главно одговорни за тоа како мирисаме. Гените од т.н. главен хистокомпатибилен комплекс (major histocompatibility complex – MHC) ги контролираат феромоните поврзани со генетска сличност, најверојатно со цел да спречат родосквернавење, односно репродукција помеѓу блиски роднини.
Добрата вест е дека ако се одредат точните гени кои се одговорни за ова, со тек на време научниците ќе подготват поефикасни препарати против комарци.